Половина од Израелците поддржуваат анектирање на долината на Јордан и на делови од Западниот Брег иако тој број би се намалил за половина ако чекорот би се презел без поддршка од САД, покажа новата анкета во средата, информира Израелскиот демократски институт.
Една четвртина од Израелците анкетирани од Израелскиот демократски институт рекле дека сакаат владата да го примени суверенитетот врз еврејските населби на Западниот Брег и во долината на Јордан без да чека поддршка од САД.
Околу 30 отсто се против овој потег, а 20 отсто рекле дека не знаат или на друг начин одбиле да одговорат. Анесцијата може да биде изгласана во Кнесетот на 1 јули.
Мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп му овозможува на Израел да ги анектира сите еврејски населби на Западниот Брег, што претставува 30 отсто од регионот. Сепак, САД јасно ставија до знаење дека едностраната анексија може да го загрози мировниот план и дека најпрво е потребно процесот да помине низ Комитетот за мапирање.
Околу 58 отсто одговориле дека шансите за палестинска одмазда, во форма на Интифада, како реакција на анексијата се големи. Од нив, 77 отсто се опишаа себеси како левичари. Другите 64 отсто рекле дека се центристи, а 55 отсто се изјасниле како десничари.
Дваесет и осум отсто изјавиле дека шансите за Интифада се мали, а останатите 14 отсто рекле дека не знаат.
Над половина од 771 испитаник (52,4 отсто) рекле дека премиерот Бенџамин Нетанјаху ќе ја исполни својата улога како премиер соодветно и покрај неговото тековно судење, а 41 отсто рекле дека не веруваат оти тој е во состојба да ја води земјата додека против него се води процес.
Вкупно 34 отсто од анкетираните рекле дека новата влада треба да се фокусира на економските проблеми и на невработеноста, а само 12 отсто рекле дека здравството и коронавирусот се најитни прашања во моментов.
Нешто повеќе од 11 отсто рекле дека безбедноста и надворешната политика треба да бидат во приоритет, а благосостојбата, еднаквоста и социјалната правда добиле приоритет од 11 отсто од анкетираните.