Сер Ричард Диерлов, поранешен шеф на британската тајна разузнавачка служба (МИ6), изјави за подкаст от„ Планет нормал“ на Телеграф дека научен извештај објавен од норвешко-британски истражувачки тим сугерира дека пандемијата на Ковид-19 е резултат на респираторен вирус кој „избегал“ од лабораторија во Кина.
Нова студијата покажува дека епидемијата почнала како неисправен експеримент во Кина, вели Диерлов, а извештајот што го цитирал наводно, бил „ублажен“ за да се тргнат обвиненијата против Пекинг.
„Сметам дека ова почнало како несреќа“, рече сер Диерлов, кој ја водеше МИ6 од 1999 до 2004 година.
Ова го поставува прашањето: ако Кина некогаш ја признае одговорноста, дали ќе плаќа отштета? Ова ќе ја натера секоја земја во светот да размисли како ги третира своите односи со Кина и како се однесува меѓународната заедница кон кинеското раководство.
Диерлов посочи дека вирусот не бил ослободен намерно туку случајно излегол додека кинеските научници експериментирале со коронавируси кај лилјаците. Во студијата на британско-норвешкиот тим се тврди дека биле пронајдени вметнати делови поставени на површината на SARS-CoV-2 Spike што овозможуваат вирусот да стапи во контакт со човечки клетки.
Диерлов изјави за „Телеграф“ дека студијата била препишана неколку пати. Истражувачкиот труд првично предлагал новиот коронавирус да се нарече „вирус Вухан“ – по името на кинескиот град каде што за прв пат е регистриран – и тврди дека докажал оти вирусот е „дизајниран“, објави весникот, повикувајќи се на претходен нацрт од студијата.
„Телеграф“ исто така вели дека истражувачите од институтот „Френсис Крик“ и од Кралскиот колеџ во Лондон ги отфрлиле заклучоците на студијата, а водечките академски списанија како „Нејчр“ и „Журнал оф виролоџи“ сметале дека студијата е несоодветна за објавување.
Во извештајот се вели дека еден од оригиналните автори на студијата го повлекол своето име од истражувањето пред трудот да биде „разводнет“ за да се отстранат сите експлицитни обвинувања против Пекинг. Сепак, разузнавачките служби, наводно, ги разгледале неговите откритија пред објавувањето.
Од првите недели од појавата на Ковид-19, некои медиуми и некои западни политичари тврдат дека вирусот SARS-CoV-2 можеби потекнува од виролоѓка лабораторија од висок профил во Вухан. Американските власти се особено заинтересирани да ја обвинат Кина, а претседателот Доналд Трамп рече дека земјата мора да ги надомести штетите предизвикани од пандемијата.
Пекинг континуирано ги негираше овие тврдења.
Кон крајот на април, Канцеларијата на американскиот директор за национално разузнавање изјави дека вирусот не бил создаден или генетски модифициран. Исто така, разузнавачки извори изјавија за „Гардијан“ минатиот месец дека нема докази оти коронавирусот е ослободен од кинеска лабораторија.