Комплетно ќе бидат уредени две спортски игралишта (кои се во полоша состојба), сензорните соби во основните училишта ќе бидат опремени со реквизити за спорт за развој, а дополнително ќе се едукацираат 25 тренери – наставници, како дел од активностите во рамки на проектот „Спорт за сите“, за кој денеска Општина Карпош, потпиша Меморандум за партнерство со здружението за унапредување на меѓународна соработка „ТАКТ“ и германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.
Грантот за овој проект изнесува 27.000 евра, а пред неколку месеци се спроведе викенд обука на претставниците од општинската администрација, заедно со претставниците од ТАКТ и ГИЗ (германско друштво за меѓународна соработка), каде што имаа можност да ги разменат очекувањата и целите од оваа соработка.
Спортот за развој е метод на учење и стекнување на социјални вештини преку спорт. На овој начин, спортот се користи како алатка за развој на личноста и постигнување на цели за целата заедница.
Градоначалникот Стефан Богоев се заблагодари на невладината организација, која ја одбра токму Општина Карпош за соработка. Локалната самоуправа значително инвестира во спортскиот развој на граѓаните. Во овие моменти, тоа најдобро се гледа и преку изведба на новиот спортско – рекреативен центар во Карпош 3, во дворот на ООУ „Лазо Трповски“. Тука, карпошани ќе добијат простор за играње на кошарка, ракомет, мал фудбал и сервис.
Магдалена Спасовска и Надица Јовановиќ од „ТАКТ“ се заблагодарија за успешниот почеток на соработката и изразија надеж дека Карпош ќе биде општина – пример за спорт за развој.