Бремена слоница умрела во Индија откако изела овошје во кое имало експлозив. Властите отворија истрага поради сомнение за сурово однесување кон животните.
Инцидентот се случил на 23 мај во областа Палакад во Керала на југот Индија, во близина на фарма каде локалното население понекогаш фрла овошје со петарди во него со цел да ги растера животните што им ги јадат насадите, објави „Ројтерс“.
„Знаеме само дека повредата е предизвикана од експлозивна материја“, рече Сунил Кумар од Шумската служба. Сторителите, рече тој, би можеле да се соочат со обвиненија за сурово однесување кон животните казниво со парични казни или со затвор.
„Слоницата излегла од локалниот национален парк во потрага по храна кога се случил инцидентот“, објави Шумската гарда.
Индија има најголема популација на азиски слонови во светот, но тие се класифицирани како загрозен вид.