Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ оцени денеска дека назначувањето на Мирослав Лајчак за посредник на Европската унија за Косово „има позитивни и негативни страни”, затоа што доаѓа од Словачка, која ја нема признато независноста на Косово, но во исто време мора да докаже дека не е наклонет на таа опција.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ кажа дека „не зависи од нив да одредуваат кој ќе биде резултат од дијалогот меѓу Белград и Приштина”.
-Што значи тоа дека нема да има размена на територии? Тогаш за што ќе разговараме, праша Дачиќ и додаде, „ако нема промена на границите, тогаш нема ни промена на границите на Србија”.
Говорејќи за претстојните избори на 21 јуни, Дачиќ изјави дека од 2012 година Србија постигнала големи резултати, се стабилизирала економски и политички и се приближила до големите сили. Тој оцени дека Социјалистичката партија на Србија (СПС), чиј е лидер, научила лекции од минатото и успеала да се крене, благодарение на упорноста и верното членство.