Жбогар: Политичарите да одлучат за изборите што е можно поскоро

Не е до нас да ви кажуваме кога ќе се одржат изборите во вашата земја. Одлуката за избори е на вашите политичари и тие треба да ја донесат што е можно поскоро, со цел граѓаните да имаат некоја ориентација за она што ќе следува, изјави денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Од моја страна гледам две ситуации, од една страна ситуација во која немате Парламент, имате техничка Влада со ограничени компетенции, имате и вонредна состојба која не може да трае засекогаш. Така што ова не е одржлива ситуација, особено денес кога се справуваме со корона кризата, кога ви требаат институции за да се справат со ситуацијата. Од друга страна имате ситуација кога случаите на Ковид се зголемуваат и се надевам дека она што го кажа министерот Филипче дека до крајот на неделава ќе видиме една нова реалност, а тоа е да има намалување на бројот на заразени, рече Жбогар.

Оцени дека треба политичарите треба да направат баланс во однос на изборите.

– Мора да кажеме дека што се однесува на изборите никогаш нема вистинско време, или вистински момент. Меѓутоа, имајќи ја предвид сегашнава ситуација со корона вирусот, мислам дека и не е толку тешко да се нарави вистинскиот избор. Затоа што мислам дека ситуацијата нема да се подобри до крајот на годината како што кажа Филипче, вирусот нема да исчезне, туку ќе биде тука и сите ќе мора да живееме со таа реалност, истакна Жбогар, одговорајќи на новинарско прашање по денешната презентација на помошта од ЕУ за справување со Ковид-19.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, пак, повтори дека ставот на ДУИ за изборите се темели врз два принцпипа – првиот е здравствената состојба која е приоритет и вториот е консензус за изборниот процес.

– Двете дополнителни недели за вонредна состојба малку не релаксираа од притисоците на роковите. Така што имаме време во овој период да се фокусираме на здравствената состојба, да комуницираме меѓу себе, и потоа кога ќе заврши оваа вонредна состојба да седнеме да ги разгледае сите факти и епидемиолошки трендови и епилози од политичките разговори и да кажеме што понатаму, рече Османи.

Повтори дека ако се одржат во овој период нема друг ден освен 5 јули, поради законските рокови, меѓутоа, рече дека на сите им е тешко да зборуваат за избори во услови кога имаме вакви бројки на заразени.

Треба да знаете
Последни објави