Нека ни е честит јубилејот, 75 години од усвојувањето на Решението за правописот на македонскиот јазик, од страна на министерот на просветата на Народната Влада на Македонија, напиша денеска на својот Фејсбук профил, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
-Седми јуни 1945 година е денот кога „Македонскиот правопис”, предложен од комисијата за јазик и правопис при Министерството за народната просвета, се прифаќа како официјален правопис. Со усвојувањето на правописот на македонскиот јазик на 7 јуни 1945 се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик, по воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава (2 август 1944) и усвојувањето на македонската азбука (5 мај 1945), истакна Заев.
Тој вели дека со издавањето на „Македонски правопис”, започнува унифицирањето на македонскиот стандарден јазик, за кој е најзаслужен нашиот лингвист Блаже Конески.
-Како Влада, нашата грижа за правописот на македонскиот јазик ја покажавме со поставувањето бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик, кој може да се користи и симнува лесно од сите нас на адресата www.pravopis.mk. Исто така, се гордееме што како Влада во 2019 година донесовме одлука 5 мај да се одбележува како Ден на македонскиот јазик, во чест на Решението за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, напиша лидерот на СДСМ.
Додава дека грижата и меѓународната афирмација на македонскиот јазик продолжува и со Договорот од Преспа, со кој се признава и потврдува македонскиот јазик, како наш официјален јазик, меѓународно препознаен.
-Денеска сме сведоци и на објавување на препеви од Блаже Конески на грчки јазик, што претставува дополнителна афирмација на македонскиот јазик и македонската литература во Грција, напиша лидерот на СДСМ во својопт Фејсбук статус.