На грчкиот остров Миконос, во еден од познатите барови на плажа, поради низа прекршувања на мерките на претпазливост и предвидените протоколи за спречување на ширењето на Ковид-19, меѓу другото за организирана забава со диџеј, како и за големиот број гостите, така и за растојанието меѓу нив, била изречена казна од 20.000 евра и двомесечна забрана за работа.
Во конкретниот бич бар, но и во други кафулиња и на Миконос и низ цела Грција, според објавените фотографии и видеа како од медиумите, така и на социјалните мрежи, Грците не се вратија во „новата нормалност”, туку продолжија онаму каде што запреа пред појавувањето на новиот коронавирус, јави дописничката на МИА од Атина.
Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис, говорејќи за грчката телевизија „Скај” рече дека бизнисите не се отворени без ограничувања, туку мора да работат под конкретни услови и објасни дека во бич баровите, согласно здравствените протоколи и правила, не смее да се користи шанкот, забрането е да се организираат забави, а задолжително е да се почитува ограничувањето на бројот на гостите.
Дел од баровите и кафулињата и во други делови на Грција се преполни, без да се почитува предвиденото растојание.
Контролите и инспекциите на надлежните органи во Грција за почитување на мерките и протоколите за заштита од ширењето на Ковид-19 се интензивни, со оглед на тоа дека поради продолжениот викенд во Грција, полни се туристичките места.
Од националната служба за транспарентност соопштија дека во петокот, инспектори, ревизори и полициски службеници во вечерните часови извршиле контрола за правилното спроведување на мерките во кафулиња и угостителски објекти во Атина, Солун и Патра.
Во направени 55 контроли, биле изречени казни во висина од 3.000 евра за прекршоци, како што е неносење маска од страна на персоналот.