Огромни подрачја од исконските прашуми минатата година се претворија во чад, а подрачје со големина на Швајцарија беше исечено за да се направи место за одгледување стока и комерцијални посеви, објавија научниците.
Сателитските снимки покажуваат дека една третина од загубите се во Бразил, а Демократска Република Конго и Индонезија се на второ и трето место, соопшти организацијатра „Глобал форест воч” (Global Forest Watch).
Минатата година се уништени 38.000 квадратни километри прашума, што е еквивалент на површината на фудбалско игралиште на секои шест секунди.
Вкупното подрачје на тропските шуми уништени во пожарите и со булдужерите, всушност, лани е трипати поголемо, но посебно се скапоцени примарните девствени шуми, односно прашумите што ги создаде природата и кои се развиваат без никакво влијание на цивилизацијата.
Недопрени од модерниот развој, тие се засолниште на разновидни диви животни и во себе „заклучуваат” огромни количества јаглерод. Кога горат, јаглеродот оди во атмосферата како штетен ЦО2.
– Ако отсега никој не би ги допрел, на шумите ќе им бидат потребни децении, дури и векови да се обноват во изворната состојба, изјави Микела Вајс од „Глобал форест воч” .
Шумските пожари што минатата година проголтаа делови од Бразил ги полнеа насловните страници на светските медиуми, но тие не се главна причина за дефорестација на исконските прашуми. Примарен проблем е илегалната сеча, најчесто во подрачја што се населени од автохтони народи.
А, тоа беше многу пред претседателот Жаир Болсонаро да најави ублажување на законите, со цел во заштитените подрачја да се олесни комерцијалното рударство и земјоделство, како и експлоатација на нафта и гас. Сето тоа би можело дополнително да ја прошири дефорестацијата.
Но, во Индонезија минатата година се уништени пет отсто помалку шуми, нешто повеќе од 3.000 квадрартни километри, што трета година по ред бележи пад и речиси трипати помалку од 2016 година, кога беше најлоша ситуацијата.
– Индонезија е една од ретките светли точки во глобалните податоци во тропската дефорестација во последните неколку години, посочи Вајс.
Тропските системи се ранливи на климатските промени и експлоатацијата. Според студијата од март, Амазонската прашума се приближува на прагот на дефорестација од каде што нема веќе враќање, ќе се преообрази во аридна савана за само половина век.
Други земји кои минатата година изгубија најмногу примарни девствени прашуми се Перу, Малезија, Колумбија, Лаос, Мексико и Камбоџа.