Стоилковски: Не сопира корупцијата, во правила делат половина милион буџетски евра за здруженија, а отчет ќе му даваат на Рашковски

Почитувани,

Не застануваат коруптивните дејанија на власта на СДСМ, преку злоупотреба на државната каса, од позиција на техничка влада, во време на вонредна состојба, а во насока на претстојните парламентарни избори.

Вчера, во сабота, додека граѓаните стравуваа за бројката од стотици новозаразени од Ковид- 19 вирусот, Владата на СДСМ објави оглас за грантови за невладини организации за вкупно 30 милиони денари!

Внимавајте, среде криза, половина милион евра за невладини организации, здруженија и фондации за проекти за спречување на ширењето на корона вирусот! И внимавајте, сите оние кои што ќе добијат пари, од 600 до 900 илјади денари, отчет ќе му даваат на Драги Рашковски, генералниот секретар на владата на СДСМ! И внимавајте, огласот трае само пет дена!

Почитувани,

Овој итен оглас, во многу нешта е спротивен од Кодексот за добри практики за финансиска поддршка на организации и фондации од 2007-та година.

Членот 4 од Кодексот предвидува дека: Програми за финансиска поддршка на организации и фондации се носат во рок од 30 дена од донесувањето на Буџетот за тековната година. Во случајот тие 30 дена се далеку поминати.

Во Кодексот е предвидено дека рокот за доставување на проектите не може да биде пократок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот повик. -Во случајов, дадени се 5 дена, од кои првиот ден е недела, празник и полициски час!

Според Кодексот предвидено е да можат да аплицираат организации регистрирани најмалку една година до објавувањето на огласот, а во овој оглас од Владата предвиделе да можат да аплицираат невладини организации регистрирани најмалку 2 години претходно.

Исто така, согласно Кодексот, треба да се овозможи поставување на прашања за апликациите, а со оглед на краткиот рок, тука тоа не е возможно.

Почитувани,

Во огласот на Владата е наведено дека НВО организации треба да достават само извештај за искористувањето на средствата, а не и финансиски докази за трошењето како што е предвидено во Кодексот (член 9).

Следуваат уште посуштински прашања од аспект на можната корупција.

За одлучување по поднесените проекти од НВО-ции треба да се формира комисија. Тоа го предвидува членот 5 од Кодексот. Но во овој случај, никаде нема информација: кога е формирана комисија, и доколку е формирана кој се’ е член во комисијата и на кој начин се избрани членовите на комисијата?

Огласот почитувани, зафаќа повеќе области, од информирање и едукација за заштита, до помош на лица. Но, има и многу спорни моменти. На пример, внимавајте:

-Набавка и дистрибуција на хуманитарни пакети за социјално ранливите категории на лица.

Дали ова значи дека и невладината на Зоран Заев, онаа што делеше пакети среде полициски час, непочитувајќи ниту една мерка за безбедност и заштита на граѓаните, може добие буџетски пари за да продолжи со изборниот поткуп?

Понатаму, се вели – „Директна поддршка за ранливи категории на работници кои што се дел од неформалната економија и немаат можност за искористување на мерките на Владата за финансиска помош“.

Внимавајте, според она како што го нарекуваа вториот голем пакет мерки, истакнуваа дека се грижат и за оние од неформалната сивата економија, односно обезбедуваа надомест, па во овој дел од огласот каде што се вели „и немаат можност за искористување на мерките“ го наметнува и прашањето, дали биле лаги зборовите за можноста за мерките со кои што се фалеа?

Почитувани,

Вака како што се наредени критериумите и дејностите во овој владин оглас, вклучително и за тоа кој ќе одлучува и кој ќе води сметка, јасно е дека станува збор за отворен поткуп и уште повеќе, со вакви рокови делува дека проектите се веќе напишани, а парите распределени за однапред познати добитници на грантовите.

Почитувани,

Ја повикуваме ДКСК, јавно да се произнесе за овој скандал, да информира дали е запознаена и дали воопшто испратила позитивно мислење за оваа владина одлука за распределба на буџетски пари, имајќи предвид дека програмата е донесена сега, на седницата на Владата во петокот, програмата не е донесена во јануари 2020 година, не е објавена во „Службен весник“, а рокот за доставување на проектите е само 5 дена?

Почитувани,

Ова е скандалозно однесување во време на криза, ова е скандалозно однесување во време на економски колапс и задолжувања на граѓаните, да се делат половина милион евра преку сомнителна владина одлука, ова е скандалозна владина одлука во период на полициски час, и уште повеќе скандалозна одлука на владата која треба да спроведе услови за фер демократски и кредибилни избори.

Поголема епидемија од Ковид-19, поголема епидемија од короната е епидемијата на отворен изборен поткуп вршен од СДСМ!

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ има морален кодекс наспроти неспособноста и криминогеноста на СДСМ.

Со СДСМ и со Зоран Заев, Македонија тоне во криминал, добивме хибриден режим, неспособност и сиромаштија. Но на тоа му се гледа крајот.

Треба да знаете
Последни објави