(ВИДЕО) Втора недела протести во САД, демонстрантите бараат реформи во полицијата

На улиците на американската престолнина Вашингтон вчера на најмасовниот протест против расната дискриминација излегоа илјадници лица, кои го кренаа својот глас  против расизмот и полициското насилство во САД.

Полицијата очекуваше протестот да прерасне во еден од најмасовните што се случиле во Вашингтон во изминативе години. Центарот на градот беше блокиран за автомобилите – од полиција и преставници на Националната гарда.

Протестите, кои деновиве се одвиваат во повеќе градови во САД, се организирани од движењето „Црниот живот има важност” (Black Lives Matter).

Иако на почетокот беа насилни, проследени со хулиганизам и уништување на приватна сопственост, во изминативе денови собирите се мирни и се одвиваат во карневалска атмосфера – се пеат песни, се извикуваат пароли: „Вака изгледа демократијата”, или „Не можам да дишам”, последната реченица во животот на Афроамериканецот Џорџ Флојд, убиен од полицајците во Минеаполис.

-Во многу делови на САД денеска, за бројни припадници од „црната” популација е небезбедно да се излезе од дома. Не поради тоа што можат да бидат нападнати од други, туку, пред се, заради закана токму од полицијата, изјави за МИА учесник во синоќешните протести во Вашингтон, кој носеше налепница „Трамп, Пенс треба да си заминат”.

Тој смета дека и толку масовни протести тешко можат да донесат промени, доколку нема поддршка од власта „но ние денеска немаме функционална власт”.

Дописникот на МИА од Вашингтон пристигна на главното место на протестите пред паркот Лафајет кај Белата куќа околу 14 часот и таму веќе имаше околу 3.000 демонстранти. Претходно, агенциите јавија дека кај меморијалниот споменик на Линколн беа собрани сличен број на луѓе. Низ градот се оддржаа маршеви, при што учесниците скандираа „Рацете горе, не стрелајте”, „Ние одиме за надеж а не за омраза” и „Не можам да дишам”.

Организаторите на протестот во Вашингтон вчера на жешкото и влажно време раздаваа освежителни пијалоци и храна за учесниците во маршевите.

Џорџ Флојд (46) почина на 25 мај во Минеаполис, откако полицаец го приклешти неговиот врат со колено и легнат со лисици на рацете го држеше во таква положба речиси девет миниту. Убиството поттикна гневни демонстрации во многу големи градови и мали места низ САД против расизмот и безилосното поведение на полицијата кон малцинските групи.

Синоќа протести имаше во најголемите градови на САД како Њујорк, Сан Франциско и Лос Анѓелес. Излезените во Сан Франциско маршираа по мостот „Голден гејт”, река од луѓе пак маршираше и во тунелот во Лос Анѓелес. Демонстрации инспирирани од случувањата во САД се одвиваат и низ целиот свет.

Едно од барањата е кратење на парите за финансирање на полицијата.

Се вршат реформи и во непосредните постапки при задржување – гувернерот Ендрју Куомо истакна дека сојузната држава Њујорк треба да забрани задушување, додека гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусам, порача тамошната полиција да ги укине обуките за задржувања при кои се употребува стисок на каротидната артерија. Во Минеаполис локалната власт изгласа забрана за употреба на коленото за фиксација на осомничениот при апсење.

Во четвртокот, двајца полицајци од Бафало, сојузна држава Њујорк, беа отстранети од служба, по туркање за време на протест на 75 годишен старец, при што тој останал со повреди на главата.

Синоќа, светлечки натпис „Црните животи се важни” се појави и на зградите околу Белата куќа, а улица во близина на резиденцијата беше именувана во чест на движењето, како одговор на градоначалничката на Вашингтон на агресивната наредба на претседателот Доналд Трамп за растерување на демонстрантите.

Таа побара и заминување на преостанатите припадници на Националната гарда и војската во градот, кои дојдоа да ја заштитат Белата куќа од можни масовни безредија.

https://twitter.com/NBCPhiladelphia/status/1269330816741650433

Треба да знаете
Последни објави