Класата дипломци од 2020 година во неделата беше поздравена со моќен и мотивирачки седумминутен говор на пејачката Лејди Гага.
Таа нагласи дека љубезноста е од големо значење кога се обидуваме да направиме промена за доброто на светот.
34-годишната ѕвезда започна со тоа што откри дека целосно го сменила својот говор по смртта на Џорџ Флојд и постојаните расни неправди со кои секојдневно се соочува афроамериканската заедница.
„Мојот говор првично се однесуваше на споделеното искуство пандемијата на Ковид-19 и колку е важно да бидете сила на љубезност во светот додека го правите следниот чекор напред во вашиот живот“, почна таа.
Потоа говореше за расизмот во САД.
„Кога мислам за расизам во Америка, мислам на голема шума исполнета со високи дрвја. Дрвја стари колку и оваа земја. Дрвја што биле засадени со расистичко семе. Дрвја од кои растеле гранки на предрасуди и лисја на угнетување, и испреплетени корени закопани длабоко во почвата.“
Пејачката ја продолжи својата аналогија објаснувајќи дека „шумата е местото каде што живееме, кои сме ние и нашите морали и вредносни системи“.
„Ја направив оваа аналогија со шумата затоа што расизмот во оваа земја е исто толку широко распространет и вистински како и природата.“