Во изминатата недела се направи тестирање на контактите на веќе дијагностицираните заболени. Екипите на центрите за јавно здравје интензивно работеа на терен во овие неколку кризни региони. Таквото тестирање таргетирано беше рана дијагностика за навремена изолација на сите контакти кои се носители на вирусот во рамките на познатите кластери. Се покажа дека најголем број од заболените се всушност заболени на семејни или на други собири, па со ваквата стратегија и тестирање практично ги изолиравме сите контакти на заболените меѓу нив и оние кои немаа симптоми.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека околу 65 проценти од активните позитивни случаи во Скопје се поврзани со познат случај, а од нив 90 проценти паѓаат во 41 кластер. Слична е состојбата, посочи министерот, и во другите три кризни региони каде има најголем процент од заболените и тие се во рамките на истите кластери.
Потенцира дека полицискиот час за викендот дозволил многу полесен пристап и брзо тестирање на сите контакти, што беше отежнато во многу случаи во изминатите денови минатата недела.
– Позитивно е што и покрај оној иницијален отпор што го имаше на некои места, сега има навистина подобра соработка со граѓаните. Епидемиолозите многу полесно успеаја да пристапат и да тестираат. Апелирам до граѓаните максимално коректно да соработуваат со епидемиолозите и да даваат точни податоци. Огромен процент од новодијагностицираните пациенти се со лесна клиничка слика или се асимптоматски и од вкупниот број на хоспитализирани во овој момент само осум пациенти се на механичка вентилација.
Тој се осрвна и на денеска објавените податоци за состојбата со Ковид-19 и посочи дека направени се 702 тестирања, а во изминатото деноноќие регистрирани се 127 нови случаи со Ковид-19 и тоа во: Скопје-67, Куманово-1, Дебар-1, Штип-33, Тетово-10, Струга-5, Охрид-6, Кочани-2, Пробиштип-2. Потенцира дека има тројца починати и седум оздравени и тоа во: Скопје-4, Тетово-2, Гостивар-1. Починати се три лица. Вкупната бројка на дијагностицирани е 3.152, а досега починаа 156 лица.
– На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Куманово на возраст од 70 години, хоспитализиран на 4 јуни и двајца од Скопје, пациент на возраст од 62 години, хоспитализиран од 5 јуни и пациент на возраст од 78 години, хоспитализиран на 2 јуни. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.343. По завршени епидемиолошки анкети, еден од позитивните случаи вчера регистриран во Куманово е од Скопје. Досега во земјата се направени вкупно 37.027 тестирања на КОВИД -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото денонокие 28 теста се во рамките на скринингот во градинки во Кочани, каде нема позитивни на Ковид-19, рече Филипче.
Нагласи дека на Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 12 нови пациенти, вкупно се хоспитализирани 71 пациент, на кислородна поддршка се 39 пациенти и нема пациенти на механичка вентилација.
– До утрово во ГОБ „8 Септември” примени се 10 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 42 пациенти. На респираторна машина се осум пациенти, a со потешка клиничка слика се уште седум пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 13 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат двајца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 39 пациенти – позитивни и сомнителни на КОВИД-19, додаде Филипче на прес-конференцијата на која се обратија и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски и директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери.