– Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција ќе информира за реализацијата на мерките од КОВИД- 19 програмата во рамки на Министерството за економија.
Според најавите, во текот на неделава треба да биде оперативна платформата domasiedoma.gov.mk и pushimenevend.gov.mk преку која ќе се реализира мерката за ваучери за домашен туризам на Министерството за економија. Преку неа Министерството за економија ќе ги испрати ваучерите за домашен туризам на сите граѓани кои ги исполнуваат условите.
Со цел поттикнување на домашната потрошувачка и поддршка на домашниот туристичко-угостителски сектор, предвидена е мерка наменета за сите вработени граѓани кои имаат приходи до 15.000 денари месечно или според податоците од Управата за јавни приходи во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле приходи поголеми од 60.000 денари.
Граѓаните ќе добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, во период од 15 јули до 15 декември 2020 година. Со оваа мерка е предвидено да бидат опфатени над 130.000 граѓани, а буџетот кој го има на располагање Министерството за економија за поддршка на туризмот е вкупно 10 милиони евра.
Во тек е реализација на третиот пакет економски мерки што го донесе Владата за ублажување на последиците од КОВИД-19, во вредност од 355 милиони евра, наменет за 730.000 корисници. Невработените, активни баратели на работа и примателите на гарантирана минимална помош ќе добијат помош од 9.000 денари, вработените лица кои имаат месечни примања помали од 15 илјади денари ќе добијат по 3.000 денари, исто и младите лица од 16 – 29 години.