Преселбата на хрватскиот ракометар Анте Гаџа во редовите на Вардар може да се реализира само доколку „црвено-црните“ му платат отштета ППД Загреб. Ова денеска го соопштија од Хрватска откако нивниот среден бек изминативе денови беше промовиран како наследник на Сташ Скубе во тимот на „црвено-црните“.
-Во Вардар многу добро знаат колкава е отштетата за Гаџа. Кога ќе ги уплатат парите, дури тогаш ќе може да го добијат нашиот ракометар. Засега ништо не е реализирано, па Гаџа се уште е играч на ППД Загреб, вели Божидар Јовиќ, главниот менаџер на клубот.
Потврда на неговите зборови доаѓаат и од самиот ракометар.
-Сѐ уште немам ништо потпишано, што значи дека и понатаму сум член на ППД Загреб. Само ако се договорат клубовите, тогаш ќе си заминам. Во комбинација беше и Спортинг Лисабон, но како што стојат работите во моментов, многу е подобра опцијата да заминам во Вардар, изјавил Гаџа.