Проектниот простор Кино Култура, претставуван од Локомотива, стана член на Европската мрежа на танцови куќи (EDN – European Dancehouse Network). Основачите на овој проектен простор, Локомотива и Театар Навигатор, соопштија дека е ова за нив важна вест и остварување на дел од целите за интернационализација.
Учеството во мрежата ЕДН за нив, велат, значи дека Кино Култура како проектен простор за современи изведувачки уметности, меѓу кои танц и перформанс, е препознат и поддржан од меѓународните партнери. Со тоа Локомотива, како член на мрежата, ќе има можност да ги зајакне механизмите за застапување и залагање за постојан простор и институција која ќе го поддржува развојот на современите изведувачки уметности (танц и перформанс) во земјава.
– Се надеваме дека локалните и националните власти конечно ќе ја препознаат потребата за ‘дом’ или еден одржлив простор и институција која ќе одговори на потребите на уметниците кои творат во оваа област во земјата, а ќе помогнат овој проектен простор да прерасне во еден таков “дом”, соопшти Центарот за изведувачки уметности „Локомотива”.
За нови членки на мрежата ЕДН се прифатени и две други организации од регионот: Станица сервис за современ танц од Белград и Дерида танцовиот центар од Софија.
ЕДН е мрежа за соработка и доверба помеѓу европските танцови куќи кои споделуваат заедничка визија за интернационален развој на танцовата уметност, управувана од нејзините членови преку Собранието и одборот на директори.
Мрежата поддржува платформа за меѓукултурна размена и развива заеднички проекти затоа што нејзина клучна мисија е соработката, за да обезбеди одржлива иднина на танцовиот сектор и да ја подобри релевантноста на разновидните изведби во општеството.