Во наредните два дена се очекува на земјава да и биде доставен првиот нацрт на преговарачката рамка, што ќе биде доставен на земјите-членки за нејзино разгледување во рамки на телата на Советот на ЕУ. До крајот на месецот, во рамки на хрватското претседателство, се очекува верзија која ке ги вклучи и првичните ставови на членките на ЕУ, по што процесот продолжува во рамки на германското претседателство.
Ова го изјави денеска на прес-конференција вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој повика за изградба на општествено политички консензус за приоритет на европските интеграции како наднационален, надпартиски, стратешки интерес на државата и сите граѓани.
Османи додаде дека нацртот на преговарачката рамка ќе биде проследен и со мини извештај за состојбите и напредокот на земјава и ќе биде предаден на телото составено од амбасадорите на земјите-членки во Брисел наречен КОРЕПЕР, а потоа оваа нацрт преговарачка рамка ќе биде предадена на КОЕЛА – Комитет за проширување на Советот на ЕУ, работно тело составено од претставниците на сите членки.
Со тоа, како што појасни вицепремиерот, почнува и фактичкото усогласување на самата рамка следејќи ги позициите на земјите-членки.
Истакна дека усогласувањето на преговарачката рамка за другите земји траело два до три месеци, а за нас тоа значи дека процесот ќе продолжи во рамките на германското претседателство, што, според него, е добар сигнал за нас имајќи ја предвид лидерската позиција на Германија во процесот на проширување.
– Тоа е стандардна процедура што ја поминале сите земји-членки или земји кои сега преговараат, но тоа што е важно за нас е што означува нов исчекор, ново скалило за почеток на преговорите, односно официјалната прва меѓувладина кнференција што ја очекуваме на есен, рече Османи.
Исходот од преговорите, како што посочи, сите најдиректно ќе не засега и затоа, покрај ЕУ, за почеток на преговорите треба да се подготивиме и ние.
– Како главен преговарач со ЕУ, сметам дека постојат прашања за кои ние како општество мораме да иницираме дебата и да се договориме за да ја дочекаме подготвени првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите. Тука не сметам на административно-техничката и експертската подготовка. Денеска сакам да порачам дека ни е потребна политичка подготовка. Изградба на општествено политички консензус за приоритет на европските интеграции како наднационален, надпартиски, стратешки интерес на државата и сите граѓани, истакна Османи.
Повика на градење на заеднички политички и државен консенсуз, со координиран настап на претседателот на државата, во едно инклузивно општество, со вклученост на сите политички субјекти во кој, како што рече, ќе бидат отстранети партиските интереси од процесот на интеграција на земјата во ЕУ.
– Европските интеграции ги издигнуваме како највисок стратешки приоритет на државата, со целосна вклученост на политичките репрезенти без разлика дали доаѓаат од власт или од опоицијата. Тука зборувам за што поскоро враќање на целосната функционалност на собраниските тела, на Националниот совет за европски интергации, воден од опозицијата, Комисијата за европски прашања, рече вицепремиерот.
Оцени оти е потребно создавање консензус, со кој ќе се обезбеди широка политичка поддршка за самата преговарачка структура која ќе биде ослободена од можни партиски и политички притисоци во својата работа, и за која ќе создадеме широка доверба.
– Во овој широк општестевн консензус соодветно место ќе најдат академската заедница, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, медиумите… Завршува времето на декларативни заложби, а почнува времето на нивно преточување во реални политики. Процесот на интеграција во ниту еден момент не е запрен, а почетокот на преговорите објективно го очекуваме наскоро, истакна Османи на прес-конференција пред зградата на СЕП.