Синдикатот на новинарите бара финансиска помош за медиумите

Со оглед на фактот дека новинарите и медиумските работници се една од главните алки во борбата против ширењето на коронавирусот и извршуваат работа од јавен интерес, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека е потребен посебен пакет мерки кој ќе се однесува на ова професија .

ССНМ ги поздравува досегашните мерки преземени од владата за помош на медиумите, но податоците дека голем број на новинари и медиумски работници се соочија со намалување на платите, а некои и со отпуштање од работа, покажуваат дека досегашните мерки не биле доволни .

„Сметаме дека крајната цел на финансиската помош треба да бидат новинарите и медиумските работници . Нашето барање за финансиска помош за вработените во медиумите се заснова на начелото дека само социјално и економски обезбедени вработени во медиумите може и професионално да ја вршат својата задача – навремено, точно и објективно да ја информираат јавноста “, велат од ССНМ.

Барањето на синдикатот се заснова на три точки.

Оттука бараат ослободување од 100 отсто од придонесите за вработените во медиумите кои не отпуштиле ниту еден вработен во текот на кризата, освен со спогодбен прекин на работниот однос, заминување во пензија или со други одредби од ЗРО, со исклучок на технолошки вишок за времетрањето на мерката и давање отказ без отказен рок .

Понатаму, мерката да важи и за медиумите кои им ги намалиле платите на новинарите и медиумските работници, но само доколку се обврзат ваквото ослободување да го искористат за да им ги вратат скратените средства на своите вработени. Враќањето на средствата да се одвива паралелно со спроведувањето на мерката.

Со цел кревање на свеста за борбата против лажните вести, односно важноста на професионалното новинарство оваа мерка да не важи за медиумите на кои надлежен суд со правосилна пресуда одредил дека го прекршиле Кривичниот Закон од Главата против здравјето на луѓето.

Треба да знаете
Последни објави