Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека косовските институции се подготвени за продолжување на дијалогот со Србија и е оптимист дека договорот за надминување на споровите меѓу двете земји може да се постигне до крајот на годинава. Тачи на денешната прес-конференција во Приштина повтори дека очекува дијалогот да резултира со меѓусебно признавање на двете земји, со што на Косово ќе му се отвори патот за зачленување во НАТО и во Европска Унија.
Тој изрази задоволство поради одлуката на новата косовска Влада да го укине трговскиот реципроцитет кон Србија, оценувајќи дека по ова Белград нема веќе оправдување за „да бега од дијалогот”.
– Како претседател оддавам признание и сум охрабрен од отстранувањето на секој претекст, што Србија го создаваше за да бега од дијалогот. На Косово му е јасно што бара во дијалогот и тоа е меѓусебното признавање. Пред се Косово во овој процес е заедно со САД и другите сојузници. Немаме зошто да се двоумиме, бидејќи сме на сигурен пат. Треба да се движиме што побрзо во тој правец за да станеме дел од НАТО и ЕУ и да ја консолидираме државата на внатрешен и на меѓународен план, изјави Тачи.
Тој рече дека е оптимист оти државата се движи во потребниот правец и изрази целосна доверба во Соединетите Америкнаски Држави.
– САД ќе бидат посветени ние да се движиме напред. Меѓутоа, ниту Косово не треба да има никакви дилеми дека треба да чекори кон НАТО и ЕУ. Како држава сите постигнувања ги имаме благодарение на САД. Затоа, само негувањето на ова партнерство ни гарантира сигурна иднина, изјави Тачи.