Тројца од 15 здравствени работници во ГОБ „8 Септември“ кои се заразени со ковид-19 се хоспитализирани. Станува збор за една медицинска и две болнички сестри, потврди за „Република“ директорот на болницата проф. д-р Христијан Костов.
Министерството за здравство денеска информираше дека тројца пациенти се починати, а 127 се новозаразени со ковид-19. До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 10 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 42 пациенти. На респираторна машина се 8, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти.
Сите заразени медицински лица се од различни оддели. Од нив пет имаат поизразена клиничка слика, а тројца се хоспитализирани. Станува збор за медицински персонал од повеќе оддели. Засега нема опасност од затворање на ниту еден оддел, вели д-р Костов.
Во ГОБ „8 Септември“, медицинските лица досега успеаја од респираторна машина да вратат во живот двајца пациенти, еден на 35 години и еден на 47.
Од 18 март кога беше прогласена вонредна состојба, болницата со капацитет од 400 легла практично функционира како инфективна клиника.