За да се стекне целосен имунитет, луѓето веројатно ќе треба да се вакцинираат против новиот коронавирус двапати, пишува Ју-Ес-Еј Тудеј. Интервалот помеѓу двете дози веројатно ќе биде околу еден месец, а можно е дека ќе биде потребна дополнителна доза (booster) неколку години подоцна.
Научниците ширум светот работат на создавање на вакцина против вирусот САРС-КоВ-2, предизвикувач на Ковид-19 и сега веќе имаат индиции за тоа како би можело да изгледа вакцинацијата.
Две дози се веројатни затоа што САРС-КоВ-2 е нов вирус и никој нема антитела. Првата доза треба да го подготви имунолошкиот систем и да му помогне да го препознае вирусот, а втората ќе го зајакне имунолошкиот одговор.
„Повеќе од стотици кандидати за вакцини се во различни фази на тестирање низ целиот свет и скоро сите се очекува да бидат на режим со две дози”, вели Бери Блум, имунолог и професор по јавно здравје на Харвард.
„Колку што знам, сите истакнати фармацевти размислуваат за две дози. Единствен исклучок е Мерк, кои се надеваат дека ќе ја развијат вакцината во едина доза”, рече Блум.
„Точната доза ќе биде јасна кога ќе се дознаат резултатите од клиничките испитувања на потенцијални вакцини кај луѓето”, рече Кели Мур, директор на Коалицијата за акција за имунизација (ИАЦ), невладина организација која соработува со американскиот Центар за контрола на болести и превенција.
„Ќе го имаме одговорот по тестирање врз луѓето. Тогаш ќе го знаеме имунолошкиот одговор. Тестирањето на животните покажува дека ќе бидат потребни две дози”, рече таа.
Во првата доза, имунолошкиот систем реагира на нешто што се уште не го сретнал. Потоа го обработува и развива антитела и имунолошки клетки. За тоа му требаат околу 14 дена, велат експертите.
Но, за некои патогени, потребна е уште една доза за имунолошкиот систем целосно да созрее за да ја победи инфекцијата. Две дози се вообичаени за многу вакцини што им се даваат на децата, како што е вакцината за сипаници.
Но, вакцината против пневмококи, која спречува некои форми на пневмонија, менингитис и сепса, се дава во четири дози. Комбинираната вакцина за тетанус, дифтерија и пертусис се дава во пет дози.
Ваквите вакцинации се вршат во текот на детството кога децата често одат на педијатар и лесно може да се гарантира дека се дадени во соодветната временска рамка, односно дека се следи распоредот за имунизација.
Кај возрасните, работите се малку покомплицирани.
Вакцините за хепатитис Б, ХПВ и Хепатитис А бараат серија од две или три дози, но повеќето возрасни на кои им требаат често не го завршуваат циклусот.
Протокол за вакцинација со две дози на национално ниво бара координација и прецизно управување со податоците. Државите досега обезбедија дека децата ги добиваат сите потребни вакцини, а сега истите ќе треба да го сторат истото за голем број возрасни наведува весникот.
Не е познато дали една рунда вакцинација ќе биде доволна. Некои вакцини, како онаа против сипаници, создаваат доживотен имунитет. Ова е затоа што овој вирус е стабилен. Но, вирусот на грип има неколку видови и постојано мутира, поради што треба да се „ажурира” секоја година.
Досега, SARS-CoV-2 се чини дека е релативно стабилен, посочувајќи дека после вакцинацијата, луѓето би можеле да добијат имунитет за подолг временски период, рече Блум.
Но, имунолошкиот штит може да ослабне за неколку години. Кога станува збор за САРС и МЕРС, вируси слични на тековниот коронавирус, некои податоци покажуваат дека нивото на антитела се намалило со текот на времето.
Дали тоа ќе се случи кога станува збор за САРС-КоВ-2 се уште не е познато. Доколку е така, ќе биде потребен „засилувач” (booster) неколку години по втората доза на вакцината и „нема да откриеме додека не заврши тестот”, рече Блум.