Статуа на славниот британски премиер Винстон Черчил во Лондон, насликана со спреј „тој беше расист“ за време на протестот „Црните животи се важни“ во неделата.
На видеата се гледа мала група демонстранти кои извикуваат „Черчил беше расист“ и „Борис (премиерот Џонсон) е расист“, пренесува „Индепендент“.
Мала група луѓе стоеја околу статуата во очигледен обид да ја заштитат. На стомакот на статуата е прикачен и натписот „Црните животи се важни“.
„Протестите против расизмот во Велика Британија се изневерени од разбојништво“, рече британскиот премиер Борис Џонсон и предупреди дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Луѓето имаат право да протестираат мирно, додека одржуваат социјална дистанца, но тие немаат право да ја нападнат полицијата. Овие демонстрации се изневерени од разбојништво, и тие се предавство за работите на кои наводно им служат“, напиша Џонсон на „Твитер“.
Џонсон зборуваше откако десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Лондон во неделата, втор ден по ред, во знак на протест против полициската бруталност по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на полициската операција во Минеаполис.
Во саботните протести, за време на кои демонстрантите се судрија со полицијата во близина на резиденцијата на премиерот во Лондон, се повредени 14 полицајци, од кои двајца сериозно, потсетува „Ројтерс“.