Властите од големите американски градови ги повикаа демонстрантите кои протестираат поради смртта на Џорџ Флојд, да направат тест за Ковид-19, после две недели улични маршеви и стоење во толпи еден покрај друг.
Заканата од ширење на коронавирус има и во оние градови каде полицијата употребува солзавец за растерување на протестните акции, постапка што, според експертите, придонесува кон драстичо ширење на вирусот.
Бидеќи коронавирусот се шири преку честички од плунка во воздухот кои се испуштаат кога луѓето дишат, шмркаат, кашлаат или зборуваат, солзавецот и други иританти како спреј од екстракт на лути пиперки, предизвикува луѓето да се задушуваат, тоа е пропратено со сува кашлица и тие се принудени да ги симнат маските. Сето ова помага во ширење на вирусот, велат експертите.
Иритантите како солзавец и бибер спреј го иритираат носот, устата и белите дробови, предизвикувајќи воспаление, со што може да се ослаби имунитетот на телото во борбата против инфекцијата од Ковид-19.
-Направете тест, повика синоќа гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо. Додаде дека во градот се отвараат 15 нови центри за тестирање. Тој изјави дека луѓето не треба да ризикуваат.
-Јас би направил како да сум бил во контакт со вирусот. Би им рекол на сите околу мене, сметајте дека мојот тест е позитивен, изјави Куомо.
Слични повици демонстрантите да изготват анализи дојдоа и од првите луѓе на сојузните држави и градови од Атланта, Сан-Франциско и Сиетл.
Во Њујорк денеска после карантин од речиси три месеци, започнува првата фаза од отварањето на бизнисите, и се очекува на работа да се вратат околу 400 илјади луѓе.
Во меѓувреме, властите во Флорида се жалат дека во државата возможно се случува втор бран, откако вчера објавија дека биле регистрирани 1.180 нови случаи. Отаму укажаа дека бројот на нови случаи е над илјада инфекции петти ден по ред.
Познавачите велат дека со отварањето на Флорида, луѓето престанале да ги почитуваат правилата за физичко растојание, а се укажува и дека новиот бран на инфекции се појавил по започнатите протести против полициската бруталност и смртта на Џорџ Флојд.
САД се лидери по бројот на случаи од Ковид-19. Земјата води по бројот на заболувања (околу два милиони) и по бројот на смртни случаи (112.477) пред другите земји во светот.