Употребата на солзавец за сузбивање на протестите може само да го поттикне ширењето на коронавирусот за време на пандемија, предупредуваат експертите за заразни болести повикувајќи ја полицијата да престане да користи такви средства поради здравствени причини.
Прскањето луѓе со спреј или солзавец ги предизвикува да кашлаат, да викаат и да врескаат, а заразените со тоа ги шират капките во кои е вирусот кај други луѓе, изјави д-р Питер Чин-Хонг, професор по медицина и специјалист за заразни болести на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
Солзавецот може да предизвика луѓето да ги симнат заштитните маски што ги носат и да ги тријат очите, носот и устата, рече Чин-Хонг.
Тој објасни дека она што е уште полошо е дека респираторните надразнувачи доведуваат до воспаление на внатрешноста на носот и слузницата на белодробното ткиво, што потоа го прави телото дополнително подложно на инфекции.
Чин-Хонг е еден од повеќе од илјада луѓе, меѓу кои и експерти за заразни болести и за јавно здравје, кои имаат потпишано петиција во која ги повикуваат властите да престанат со употреба на солзавец, чадни бомби и други респираторни надразнувачи кои предизвикуваат кашлање и на тој начин го зголемуваат ризикот од ширење на инфекцијата на коронавирус.
Со петицијата тие им дадоа поддршка на демонстрантите во врска со смртта на Џорџ Флојд, црнецот кој беше убиен од полицискиот службеник во Минеаполис.
Потписниците исто така сугерираат дека демонстрантите не треба да бидат уапсени или чувани во тесни простори како што се затворски ќелии или полициски возила, каде што вирусот лесно може да се шири.
Од демонстрантите беше побарано да ги покријат своите лица и да одржуваат растојание од најмалку 1,8 метри кога е можно, како и да се обидат секогаш да бидат близу до истата група наместо да се движат меѓу голем број различни луѓе.
Здравствените експерти го кренаа својот глас да предупредат дека протестите може да предизвикаат драматично зголемување на инфекцијата со коронавирус.