Комисијата за заразни болести со која во моментов претседавам е стручно советодавно тело на министерот за здравство. Не сме поврзани со Влада, со кое било друго министерство или не сме поврзани со која било политичка партија. Ова го истакна на денешната „он лајн” прес – конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, по дискусијата помеѓу него и новинарите, кои побараа покоректен однос од негова страна.
-Ние му кажуваме на министерот Венко Филипче кое е нашето стручно размислување за одредени проблеми коишто се јавуваат во државата. Министерот има опција „А” да не не тангира воопшто и да рече дечки вашето мислење го примив на знаење, ама јас на Влада ќе кажам нешто сосема трето. Второ, Главниот кризен штаб може секоја наша одлука да ја преиначи или дополни, рече Караџовски.
Во контекст на тоа, посочи дека како што за одлуките Уставниот суд не се коментира, „така и ќе каже дека за одлуките на Главниот кризен штаб и на Владата не се коментира”.
-Ние не сме владини луѓе. Ние сме професионалци од областа. Јас сум 27 години професионалец, во 13 министерски влади што биле претходно, рече Караџовски.
На прашање дали чувствува одговорност за порастот на бројот на заболени од КОВИД-19, рече дека не убил некого па да чувствува одговорност.
-Сум давал стручно мислење за одредени проблеми во државата. Одговорност се случува оној момент кога некој ќе направи кривично дело. Мојот став бил секогаш стручен, издржан, епидемиолошки, а кој се сеќава на мојата последна изјава мојата идеологија е епидемиологија. И во владите на ВМРО-ДПМНЕ сум бил член на оваа Комисија и во владите на СДСМ и во владите кога верувам дека вие сте биле уште студентка, во 1993, 1994 година, рече Караџовски.
Посочи дека пред 27 години се борел со 20-30 епидемии. – Ланската година зборував 19 пати на телевизија за морбилите. Зошто тогаш не рековте дали има обврска или некаква морална да не речам и стручна одговорност кога промовирав вакцинација дека само со вакцинација ќе можеме да го победиме морбили вирусот. Зошто после 19 изјави мои во коишто бев сатанизиран од антивакс кампања, или сатанизиран што тоа предлагам после 55 илјади вакцини дадени во државава дали имаме сега морбили. Еве, одговорот е немаме морбили. Зошто? Ги победивме морбилите. Ниту тогаш сум чувствувал одговорност што сум излегол 19 пати на телевизија, ниту денеска чувствувам каква било одговорност. Се што работам, работам во интерес на државата. А колку пати не сум ручал, вечерал или дошол дома тоа јас знам. Ве молам, ова е оној некоректен однос кога некој некого обвинува за дело што го нема направено. Кога ќе ме прашате дали одговорност, обратното прашање не би знаел како јас да го поставам дали не чувствувам одговорност, истакна Караџовски.
Тој рече дека не го знае мотивот за тоа што го чита во медиумите дека ќе се собираат потписи за негово сменување.
-Министерот може утре сабајле да ме смени. Никогаш не сум добил скршена пара во 27 години колку што сум бил член во Комисијата, а посебно сега во овој момент кога сите работиме гратис и кога работиме под алтруизам и чувство да и помогнеме на државата, рече Караџовски.