Воените авиони на сириските владини сили бомбардираа неколку села под контрола на бунтовниците во северозападна Сирија, што е прв ваков потег откако пред три месеци во сила стапи примирјето постигнато со турско-рускиот договор, со кој во голема мерка се прекина конфликтот во земјата.
Претходно, според опозициските активисти, бунтовничките сили кратко време зазеле неколку позиции во северозападна Сирија, кои дотогаш биле под контрола на владата.
За време на конфликтот се убиени повеќе од 40 борци од двете страни.
Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права со седиште во Велика Британија информира дека владините сили подоцна почнале контранапад со поддршка на руската авијација, преземајќи ја контролата врз претходно загубените села Фатра и Манара.
Центарот соопшти дека во судирите загинале 22 бунтовници и 19 сириски војници.
Британските медиуми, повикувајќи се на извештаи на очевидци, јавуваат дека воздушните напади ги зафатиле селата во регионот Џaбал ал Завија, во јужната провинција Идлиб, и два града во долината Сахел ал-Хааб, западно од провинцијата Хама.
Медиумите наведуваат дека стотици цивили избегале, плашејќи се од големите воздушни напади на последното упориште на бунтовниците во Сирија.
Русија го поддржува сирискиот претседател Башар ал Асад, додека Турција ги поддржува опозициските борци, кои се обидуваат да го соборат од власта.