Шпанија влегува во три пати подлабока рецесија отколку во 2009 година

Шпанската економија може годинава да падне помалку отколку што се стравуваше првично, но сепак ќе влезе во рецесија која ќе биде околу три пати подлабока од рекордната забележана во 2009 година во екот на глобалната финансиска криза, објави Централната банка на Шпанија.

Според сценариото на Централната банка, бруто-домашниот производ на Шпанија се очекува да падне помеѓу 9 и 11,6 проценти оваа година, бидејќи пандемијата на коронавирусот ја погоди оваа земја зависна од туризмот повеќе од другите земји во Европа.

Во претходното сценарио, Банката на Шпанија предвиде пад во опсегот од 9,5 до 12,4 проценти. Економијата на земјата падна за 3,7 проценти за време на глобалната финансиска криза во 2009 година.

Негативниот ефект на мерките за ограничено движење, кои беа воведени кон средината на март, во голема мера ќе влијае на растот во вториот квартал, во кој падот веројатно ќе достигне од 16 до 21,8 проценти, соопшти Централната банка.

Падот од 5,2 проценти забележан во првото тримесечје е веќе најлошиот од 1970 година, од кога датира серијата на овие статистики, и е двојно поголем од најлошиот квартал од 2009 година.

Централната банка на Шпанија очекува економското закрепнување да започне во втората половина на оваа година, при што БДП најверојатно ќе порасне од 7,7 до 9,1 процент во 2021 година.

 

Треба да знаете
Последни објави