Влада: Донесена е Уредба за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста

Владата на денешната седница ја усвои информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, како и за измените во одобрените списоци, и ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат критериумите. Од пристигнатите и обработени барања беа одобрени вкупно 738 барања во вкупен износ од 338,8 милиони денари.
На оваа седница е донесена Уредба со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти од областа на индустријата во пост КОВИД- 19 периодот, со која се уредуваат видот, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на трговските друштва од областа на индустријата со цел да се стабилизира и обнови нивната деловна активност вклучувајќи го враќањето на изгубени пазари со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за заздравување на домашната економија, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот во текот на март 2020 година до декември 2021 година.
Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за угостителска дејност за време на вонредна состојба, со која се уредува начинот на работата на Комисија за категоризација на угостителските објекти.
Треба да знаете
Последни објави