Во продолжението од сведочењето на Александар Василевски Нинџа за организацијата на настаните од 27 април 2017 година, сведокот негираше дека од поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски добивал било какви насоки, потенцирајќи и дека не познава таков кој добил насока лично од Груевски. За организација на настаните се обвинети Трајко Вељаноски- поранешен претседател на Собранието, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски- порнешни министри во владата на Никола Груевски и Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК.
Нинџа претходно објасни дека е поранешен соработник на УБК со псевдоним Самурај, кој бил ангажиран во 2015 од страна на тогашниот началник во УБК, Горан Грујевски, а потоа наредби добивал од неговиот наследник на таа позиција, обвинетиот во случајот, Атанасовски како и од началници во УБК.
-Од лидерот на партијата никогаш не сум добивал насоки, ниту знам дека некој добивал. Тоа што сум го добивал јас како насоки било од директорот на УБК, инспектори и началници, тоа е што знам, сведочеше Нинџа.
Тој понатаму истакна дека може да заклучи дека телефонскиот разгвор од службен телефон, од Виена нема никаква врска со настаните од 27 април.
-Сакам да кажам дека тој телефонски број го користеше мојот брат, кој беше лично обезбедување на Груевски. Телефонскиот повик сум го иницирал јас, му пуштив порака и му кажав да ми се јави во 2.13 часот. Ми се јавува во 2.30 и разговорот е снимен. Нема врска со овие настани, семеен повик е. Во врска со мојата болна мајка беше телефонскиот разговор. Нема никаков повик за мобилизација, даден од тој телефонски број, вели Нинџа.