Американските санкции против „Северен тек 2“ го нарушуваат суверенитетот на ЕУ

Во интервју за рускиот весник „Известија“ објавено денеска, германскиот политичар од партијата „Дие Линке“, Клаус Ернст, вели дека Берлин може да одговори на евентуалните нови санкции на САД против проектот за гасоводот „Северен тек 2“.

„Актуелната закана од САД за воведување вонредни санкции на проектот не може да се смета како чин на пријателство. Ова го нарушува суверенитетот на Германија и на ЕУ“, посочи Ернст, кој е член на Комисијата за економски прашања и енергија во Бундестагот.

Тој предупреди дека ако тоа не запре, Германија ќе мора да разгледа сериозни мерки за да се заштити како, на пример, тарифи за американскиот природен гас.

Со сличен став е и Тимон Гремелс, член на германската Социјалдемократска партија (СПД), кој изјави за „Известија“ дека новите санкции од САД нема да ја запрат изградбата на гасоводот „Северен тек 2“.

„Забраната за работа на гасоводот, за која се дискутира во САД, очигледно го одразува ставот на Вашингтон дека Русија ќе може да го заврши проектот самостојно. Германија, од своја страна, има намера да го набљудува и оценува понатамошниот развој на ситуацијата со цел да се поддржи завршувањето на „Северен тек 2 “, рече Гремелс.

Членот на германската Слободна демократска партија (ФДП), Мартин Нојман, истакна дека кога станува збор за одржливиот пазар на енергија, Берлин не треба да биде загрижен за прашањата поврзани со геополитиката.

„Ова важи и за „Северен тек 2“, кој сигурно ќе ги исполни барањата на Европа за гас. И покрај улогата на руските енергетски снабдувачи, европскиот пазар на гас е многу конкурентен и тврдам дека земјите од ЕУ треба да бидат поактивно вклучени во овој проект “, истакна Нојман.

Маркус Пипер, член на Комисијата за индустрија, истражување и енергија на Европскиот парламент (ЕП), пак, ги критикуваше санкциите на САД како неприфатливо мешање во европската политика и трговска политика. Тој за „Известија“ рече дека Европската комисија треба да заземе јасен став за проблематичните пристапи, што ги практикуваат САД во меѓународната трговија.

Забелешките на германските пратеници следат по написот на „Блумберг“ минатата недела дека двопартиска група американски сенатори имаат намера да воведат нацрт-закон, кој ќе ги таргетира осигурителните компании кои работат со руски пловни пловни објекти за проектот „Северен тек 2“.

На предлог-законот му претходеше воведувањето санкции од Вашингтон против проектот со таргетирање на сите компании и лица вклучени во давање услуги на гасоводот и се заканите дека ќе ги поништат нивните американски визи и ќе ги замрзнат нивните финансиски средства во САД.

Белата куќа континуирано се спротивставува на проектот, тврдејќи дека кога ќе се заврши, ќе ѝ помогне на Русија да ја зголеми својата политичка моќ во Европа.

Москва вели дека американските санкции нема да го нарушат спроведувањето на проектот „Северен тек 2“ и дека таквите активности ги гледа како манифестација на нелојална конкуренција спротивна на меѓународното право.

Германија, една од клучните членки на проектот, постојано истакнува дека причините за изградба на гасоводот се чисто економски. Во јануари, канцеларката Ангела Меркел го посочи „Северен тек 2“ како многу важен проект од кој ќе има корист не само Германија, туку и многу други европски земји.

Освен рускиот енергетски гигант „Газпром“, пет европски компании се вклучени во спроведувањето на проектот, вклучувајќи ги француските ENGIE, австриската ОМВ, британско-холандската компанија „Ројал дач шел“, како и германските „Унипер“ и „Винтершал“.

Треба да знаете
Последни објави