Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, не е поканет да присуствува на парадата за Денот на победата во Москва на 24 јуни, затоа што Украина де факто не е членка на Заедницата на независни држави, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Итар-Тасс.
„Колку што знам, нема покана за Зеленски“, изјави тој и додаде дека лидерите на Заедницата на независни држави имаат приоритет.
„Бројни партнери изразија желба да дојдат, на наша радост. Како што знаеме, де факто и во многу случаи де јуре Украина не е член на Заедницата и не покажа интерес за продолжување на активностите во нејзините агенции на еден или друг начин, ниту, пак, сигнализираше дека сака да ја сподели со нас радоста на Денот на победата“, истакна Песков.
Парадата по повод Денот на победата во Втората светска војна ќе се одржи на 24 јуни на Црвениот плоштад во Москва, а претседателот на Русија, Владимир Путин, претходно објасни дека тој датум е избран затоа што на тој ден во 1945 година се одржала историската победничка парада на војниците кои се бореле за Москва, Ленинград и Сталинград, влегле во Берлин и ја ослободиле Европа.