Денеска во 11.30 часот во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува и ќе се обрати на свеченоста по повод одбележувањето на 10 Јуни – Денот на воздухопловниот ВИНГ. Во рамките на свеченоста е предвидено демонстрација на летање од страна на авијацијата на нашата Армија како и прелет на авионите Ф-16 кои го изведуваат редовното воздушно патролирање на НАТО над нашата територија кое започна со нашето полноправно членство, а кое согласно техничкиот аранжман го реализира военото воздухопловство на Република Грција. Воздухопловната единица ВИНГ постои 28 години, а годинава својот роденден го прославува за првпат како армиска единица на земја членка на НАТО. Министерката Шекеринска во својот говор ќе се осврне на развојот на единицата и на достигнувањата во последните три години на планот на подобрување на условите за работа и зголемувањето на платите.
Настанот е организиран согласно сите препораки за одржување на безбедно растојание и носење на заштитна опрема донесени од Владата на Република Северна Македонија.