Системски расизам постои насекаде во САД, не само во телата за спроведување на законот, рече поранешниот потпретседател на САД и претседателски кандидат Џозеф Бајден во интервју за Си-би-ес.
На прашањето дали верува дека постои системски расизам во американската полиција, Бајден одговори – „апсолутно“.
„И не само во полицијата туку насекдаде – во домувањето, во образованието. Во сè што правиме. Тоа е реалноста. Тоа е сериозно”, рече Бајден во извадок од интервјуто објавен на „Твитер“ .
„Не се сите службеници за спроведување на законот расисти. Меѓу нив има навистина многу добри полицајци. Но, начинот на кој што работат сега – видовме премногу примери за тоа“, додаде тој.
Прашањето за системски расизам во спроведувањето на законот во САД е во центарот на вниманието по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис, Минесота. Полицаецот Дерек Човин го стави своето колено на вратот на Афроамериканецот и го задуши при апсењето.
Флојд подоцна почина во локална болница во Минеаполис. Сите полицајци вклучени во фаталниот инцидент беа отпуштени и сега се соочуваат со кривични пријави. Дерек Човин е обвинет за убиство од втор степен.
По кратко време избувнаа протести против расната дискриминација и полициското малтретирање и бруталност во САД и во многу други земји, вклучително и Велика Британија, Германија, Канада и Франција.



