Сопственикот на Монца, Силвио Берлускони, чиј тим се врати во Серија „Б”, призна дека се обидел да ги ангажира Златан Ибрахимовиќ и Кака во тимот. Шведскиот напаѓач се врати во Милан во јануари, а бразилскиот плејмејкер се повлече од фудбалот во 2017 година. Сепак, Берлускони верува дека и двајцата би можеле да му помогнат на тимот да добие промоција.
– Златан беше наша цел, како и Кака. Проблемите кои не се поврзани со фудбалот, нè спречија и моравме да се откажеме, но никогаш не се знае, изјави поранешниот италијански премиер за „Теле Ломбардија”.
Дури и без играчите, Монца успеа да стигне до Серија „Б” во втората сезона на Берлускони како сопственик. Покрај Кака и Ибрахимовиќ, сепак, Монца е заинтересирана и за синот на легендата на Милан, Паоло Малдини – Даниел Малдини.
– Се надеваме дека тој ќе се покаже како талентиран млад играч, додаде 83-годишниот поранешен претседател на „росонерите”.
Тимот на Милан доживува потешкотии уште од крајот на владеењето на Берлускони, а тој самиот рече дека не е лесно да се најде наследник.
– За да се постигнат добри резултати, играчите мора да имаат многу позитивни мисли. Ним им треба клуб, кој ќе ги задржи своите играчи и способен тренер. Поддршката на претседателот е исто така важна. Речиси секогаш знам што се случува со момчињата, тие ме гледаат како постар брат. Не е лесно да се најде замена за Берлускони. Мислам дека го направив она што морав да го направам. Сè уште сум близу Милан и се обидувам да ги дадам сите совети што мислам дека би биле корисни, заклучува сопственикот на Монца.