Европската унија нема намера да влегува во „студена војна” со Кина поради кампањата на дезинформирање за пандемијата на коронавирус што доаѓа од таа земја, рече шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
– Му реков на кинескиот министер за надворешни работи: Не грижете се, Европа нема да започне студена војна со Кина , рече Борел, одговарајќи на нованарско прашање за онлајн разговорот со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји по повод подготовките за самитот ЕУ-Кина.
На презентацијата на стратегијата за борба против дезинформации за здравствените проблеми, Борел рече дека одамна се работи на тоа прашање.
– Почнавме пред пет години. Во последниве години, дезинформациите се фокусираа на извори од Кина, но не е насочено против Кина, додаде тој.
– Русија и Кина стојат зад кампањите за дезинформирање против акциите на ЕУ во борбата против ширењето на коронавирусот. Имаме доволно докази, рече портпаролката на Европската Комисија, Вера Јурова, додавајќи дека тие кампањи ги ослабнуваат мерките преземени во областа на здравството и ќе се зголемат во однос на кампањата за вакцинирање.
Борел рече дека ЕУ нема капацитет за принуда.
– Особено затоа што руските и кинеските власти тврдат дека тие не се одговорни за овие кампањи, затоа што медиумите што ги водат се „приватни компании”.
Тој додаде дека добил уверување од кинескиот министер дека Кина „нема воени амбиции”.
– Зборовите се важни во дипломатијата, но фактите се уште поважни. Во Европа, ние сме целосно свесни дека Кина ги зголемува воените трошоци. Едно е што зборуваат Кинезите. Друга работа се нашите потврдени сознанија, потенцира Борел.