Кина не планира да учествува во преговорите за нуклеарно разоружување на САД и Русија, јавија кинеските медиуми.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунин изјави дека Пекинг повеќе пати повторил дека „нема намера да учествува во т.н. трилатерални преговори за контрола на оружјето, во кои се вклучени Русија и САД”.
Според неа, Кина се сомнева дека Белата куќа „се обидува да го вовлече Пекинг во преговорите со цел да ја префрли одговорноста на други и да го сврти вниманието од фактот дека САД се повлекоа од повеќе меѓународни договори”.
СAД и Русија претходно постигнаа договор месецов да почнат преговори за контрола на оружјето, затоа што единствениот важечки договор меѓу двете најголеми нуклеарни сили истекува за помалку од една година.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за контрола на оружјето, Маршал Билингсли, изјави дека постигнал договор со рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков за времето и местото за преговори во јуни. Тој на Твитер напиша дека е поканета и Кина.
Неименуван официјален претставник на администрацијата на Трамп изјави дека преговорите ќе почнат на 22 јуни.
Русија понуди да се продолжи договорот СТАРТ, што истекува во февруари, но Трамп сака нов договор што би ја вклучил и Кина.