Корона вирусот не ги бира луѓето по тоа дали работат во јавната администрација или се во приватен сектор, реагира министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во однос на Фејсбук статусот на дополнителната заменичка Невенка Стаменковска Стојковски, која претходно денеска рече дека заразени има во институциите, а јавниот сектор е оставен сам на себе.
„Очигледно дополнителната заменичка министерка Невенка Стаменковска Стојковски продолжува да го користи вирусот за политички цели и да набројува институции со цел ширење на паника и надеж за добивање на политички поени. Кога веќе споменува во кои институции работат дел од позитивните случаи, се прашувам зошто заборава да го спомене МВР. И таму во повеќе наврати дел од вработените беа тестирани позитивни, помеѓу кои и советникот на техничкиот министер. Или оваа информација не им оди во прилог во матрицата на поделби којшто сакаат да ја наметнат во јавниот сектор“, вели Манчевски.
Тој апелира да се остави пандемијата со Корона вирусот надвор од политичките пресметки.
„Поделбите, лажните вести и ширењето на паника е само на наша штета. Никоја нема да добие ништо од тоа. Нашата борба е со вирусот Ковид-19 и само со почитување на мерките можеме да ги намалиме бројките на позитивни независно во која институција работат“, вели Манчевски.