Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан и рече дека не треба да му се верува дека нема претензии кон хрватските територии.
Тензиите меѓу двете држави дојдоа откако Орбан во саботата го откри споменикот на „Унгарски голготи”, по повод одбележувањето на 100-годишнината од потпишувањето на договорот во Трианон, со кој Унгарија изгуби две третини од својата територија.
Хина пренесува дека картата на „Голема Унгарија” на тој споменик вклучува делови од денешната Хрватска, Србија, Словенија, Словачка, Австрија, Романија и Украина, со наведени 12,5 илјади градови, села и општини кои биле дел од унгарскиот дел на Австро-Унгарија до 1920 година, иако, како што се наведува, во најголем дел таму никогаш немало унгарско население.
Поради тоа Хрватска испрати протестна нота во Будимпешта минатата недела, а премиерот Андреј Пленковиќ во отворен дел од седницата на владата денеска рече дека Орбан во телефонски разговор го уверил дека нема претензии кон хрватската територија.
– И мене, како и Пленковиќ, тој ме уверуваше дека сè е во ред, но ако еднаш те измами – тој е виновен, но ако ве измами по вторпат, тогаш вие сте будала, рече Милановиќ пред новинарите.
Тој додаде дека Хрватите многу добро знаат кој е Орбан и за што се залага и дека, како што вели, тој не заговара ништо добро.