– Рестораните, не до крајот на годинава, туку многу порано ќе може да организираат свадби, смета министерот за економија, Крешник Бектеши. Сепак, според него, крајниот збор и за овој сегмент од работата на угостителските објекти, ќе го има Комисијата за заразни болести.
Бектеши денеска на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања, информира дека до крајот на денов или најдоцна утре се очекуваат нови протоколи за работата на хотелиерите и угостителите.
Хотелиерите, напомена министерот, не се затворени со одлука на Владата, но многу е важно и за гостите и за странските туристи да работат согласно протоколите од Комисијата за заразни болести.
– Оваа тема вчера беше дискутирана на владина седница. Го задолживме министерот за здравство да и предложи на Комисијата нови протоколи. Очекуваме денеска или најдоцна утре да имаме такви предлози кои секако би ги усвоиле, имајќи предвид дека хотелите не се затворени со владина одлука. За угостителските објекти кои организираат свадби ќе ја чекаме сугестијата од Комисијата. Убеден сум дека не до крајот на оваа година, туку многу порано би можеле и тие да работат, рече Бектеши.
Тој вчера, како што додаде, имал состанок и со хотелиерите.
– Министерството во соработка со хотелиерите и нивната Комора достави предлог-протоколи до Комисијата за заразни болести и главно тие се речиси истите усвоени од Европската комисија, а согласно нашите податоци веќе и некои тур-оператори ги бараат тие протоколи за да продолжат од средината на јули до крајот на летната сезона да ја нудат земјава како туристичка дестинација. Во текот на денешниот ден или најдоцна утре очекуваме протоколите да бидат разгледани од Комисијата и да бидат предложени до Кризиниот штаб и Владата за да бидат усвоени. Се работи за речиси истите протоколи според кои веруваме дека можат да работат и нашите хотелиери. Согласно препорките на СЗО се знаат главните мерки што треба да ги почитуваме сите, вклучувајќи ги угостителските и хотелски објекти: држење дистанца, дезинфекција…, нагласи Бектеши.
Засега, дополни тој, нема проценка за штетите на хотелиерите од епидемијата.
В петок, според министерот, граѓаните со низок доход ќе бидат информирани дека ќе се стави во функција платформата на која хотелиерите ќе ги понудат своите услуги за користењето на ваучерите вредни 6.000 денари. – И граѓаните што ќе добијат платежни картички од 9.000 денари, неврабоени и граѓани кои добиваат социјална помош, ќе може да ги користат во туристичките агенции и хотелите, рече Бектеши.