Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предвидува глобална рецесија од 6,0 проценти за оваа година, но предупредува дека, во случај на втор бран на пандемијата на Ковид-19, падот на светскиот БДП би можел да изнесува дури 7,6 проценти.
Во првото сценарио на ОЕЦД се предвидува дека светската економија, откако ќе падне за 6,0 проценти, ќе порасне со стапка од 5,2 проценти во 2021 година, според ажурираните проекции на таа организација.
Меѓутоа, ако се реализира второто сценарио за длабока рецесија од 7,6 проценти во 2020 година, тогаш следната година растот би бил далеку побавен и би изнесувал 2,8 проценти.
ОЕЦД предвидува дека американската економија, најголема во светот, ќе забележи пад од 7,3 проценти оваа година, а потоа раст од 4,1 процент во 2021 година. Ако има втор бран на зараза, американската економија би можела да падне за 8,5 проценти оваа година и да се зголеми за само 1,9 проценти следната година.
Според оваа организација, Еврозоната очекува пад од 9,1 процент во тековната година, а потоа раст од 6,5 проценти во следната, додека во случај на втор бран на Ковид 19 падот би можел да достигне 11,5 проценти, а растот во 2021 година би изнесувал 3,5 проценти.
ОЕЦД предвидува најдлабока рецесија за Велика Британија, од дури 11,5 проценти оваа година, а за следната дека ќе регистрира економски скок од 9,0 проценти, но во случај на втор бран на зараза британскиот БДП би можел да падне уште подлабоко, за 14 проценти оваа година, а во 2021 година ќе закрепне за пет проценки.
Во ажурираните проекции се наведува дека загубата на приходите до крајот на 2021 година ќе го надмине нивото на загуби од која било рецесија во последните сто години, изземајќи го воениот период и дека ќе има сериозни и долготрајни последици за граѓаните, деловните субјекти и владите.