Со забрана за сообраќај за возила на булевар и улицата пред премиерската и претседателската палата, од утре наутро започнува првата фаза од проектот на општина Атина, за претворање на историскиот центар на градот во зона со помалку возила и повеќе простор за граѓаните за прошетка и користење велосипеди. На конкретните две улици, пристап ќе имаат само возилата на јавниот превоз, на лица со инвалидитет, на постојаните жители, возилата за итни случаи, електричните возила и слично.
Следната фаза, в недела, го опфаќа плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент, како и уште еден голем булевар во центарот на Атина, а на почетокот на следниот месец ќе бидат воведени мерки и забрани и за историскиот центар.
Од општина Атина соопштуваат дека проектот ќе се имплементира постепено, во фази за граѓаните, но и посетителите да можат да се прилагодат и да уживаат во подобрените услови.