Американскиот министер за финансии Стивен Мнучин денеска изјави дека нема повторно да биде прекината работата на американската економија и покрај постојаното зголемување на бројот на заразени од коронавирусот и епидемиолошкиот модел што укажува на тоа дека бројот на заразени значително ќе се зголеми во текот на есента.
-Не можеме повторно да ја запреме економијата. Мислам дека научивме дека, ако ја запрете економијата, создавате поголема штета, не само економска, туку и во други области, изјави Мнучин за Си-Ен-Би-Си, најавувајќи дека во следниот месец американската економијата ќе добие финансиска инјекција од повеќе од еден трилион долари.
Финансиската помош ќе биде насочена кон хотелската индустрија што е особено погодена од пандемијата, патниот сообраќај, индустријата за забава и рестораните, кажа Мнучин.