На славеничката фотографија принцот Филип позира во костум и вратоврска во боите на британската кралска гарда, а кралицата Елизабета Втора избрала фустан во жолт цветен дезен од дизајнерката Ангела Кели, елегантен бисерен ѓердан и уникатен брош украсен со дијаманти.
Тоа е наводно омилениот брош на кралицата Елизабета, која го носела и во февруари 2018 година кога ги изненадила љубителите на модата појавувајќи се на Лондонската модна недела.
Принцот Филип се чувствува одлично и покрај здравствените проблеми поради кои беше хоспитализиран неколку дена пред Божик, а извор близок до кралското семејство потврди дека британскиот принц е во одлична форма.
Наместо голема прослава, принцот ќе го прослави роденденот во друштво на кралицата, на интимна вечера во замокот Виндзор.
Портретот што го објави Бакингемската палата е снимен на 2 јуни. Најстариот син на кралската двојка, принцот Чарлс, претходно зборуваше дека му недостига семејството во ова време на коронакриза.
„Не сум го видел татко ми долго време и тој ќе наполни 99 години следната недела“, изјави принцот Чарлс за „Скај њуз“.
Кралското семејство останува во контакт преку FaceTime, исто како и многу семејства од целиот свет.
„Разговараме со целото семејство преку интернет. Тоа е добар начин да останеме во контакт и да се гледаме“, рече принцот Вилијам.