Двајца грчки полицајци се обвинети за обид за убиство кога при потера по сомнителен автомобил, полесно раниле двајца од вкупно 13 бегалци, кои шверцерите се обиделе да ги однесат во Грција, јави АП.
По сослушувањето кај истражен судија во пограничниот град Орестијада, двајцата полицајци се пуштени денес на слобода до завршувањето на истражната постапка.
Границата со Турција е место на масовно влегување на бегалците и емигрантите од Блискиот Исток обидувајќи се да стигнат до Западна Европа.
Во соопштението на грчката полиција се наведува дека двајца бегалци, маж и жена, биле полесно ранети во багажникот на автомобилот што ѝ бегал на полицијата.
Полицајците првин испукале предупредувачки истрели од полициското возило, а потоа и неколку куршуми во гумите на автомобилот кој бегал, но куршумите се одбиле и полесно ги раниле бегалците скриени во багажникот.
Возачот на автомобилот е уапсен, двајцата ранети се згрижени во локална болница, а преостанатите бегалци се префрлени во центар за азиланти.