Дваесет и седумгодишната родилка која пред неколку денови ја напуштила скопската Клиника за Гинекологија и се породила во „Ремедика“ денеска самоиницијативно потпишала изјава дека си оди и од Клиниката за Инфективни болести се уште позитивна на Ковид 19, дознава „Фокус“.
Според нашите информации, докторката денеска помеѓу 15 и 16 часот ја напуштила клиниката, откако претходно ја потпишала изјавата.
Таа во рок од само неколку денови направила целосна маршута низ клиниките, поточно откако на 6 јуни била примена на скопска Гинекологија, каде што дава лажни податоци дека нема контакт со заболен од корона вирус во семејството, при што била хоспитализирана во делот каде што се пациентките кои не се носители на вирусот. Откако на клиниката, дознале дека всушност нејзиниот свекор е заболен, решиле да ја префрлат во изолациониот дел, тогаш таа одлучила и потпишала изјава дека под морална и кривична одговорност ја напушта клиниката.
Нашите извори уште тврдат дека таа од Гинекологија си оди дома, но откако почнало породувањето на 8 јуни оди во приватната болница „Ремедика“ каде што се породила и четири медицински сестри се ставени во самоизолација. Сепак, нејзиниот пат по скопските клиники продолжува, па како што објави денеска „Фокус“ таа на 9 јуни завршува на Инфективната клиника и дури таму признава дека пред една недела имала симптоми со настинка и црвено грло.
За повеќе информации на Фокус.мк