Финска денеска соопшти дека ќе ги отвори границите за патници од шестте соседни држави, поради олеснувањето на мерки против коронавирусот, но дека во одлуката не е вкучена и Шведска, јави ДПА.
Владата соопшти дека посетителите од Естонија, Летонија, Литванија, Норвешка, Данска и Исланд од понеделник ќе почнат да патуваат во Финска и нема да треба да го минат 14-дневниот период на самоизолација.
Мерките имаа свој одраз врз копнената граница помеѓу Финска и Норвешка, како и врз воздушните и траектните услуги меѓу Финска и Норвешка, Данска, Исланд, Естонија, Летонија и Литванија.
-За жал, епидемиската состојба во Шведска е толку лоша што се уште не можеме да ги олесниме ограничувањата, изјави министерката за внатрешни работи Марија Оисало .
Таа додаде дека владата се надева дека што поскоро ќе ги укине и ограничувањата кон Шведска. Исклучоци ќе се прават само за посетители со дом или викендичка во Финска, или кои имаат семејство во Финска.
Луѓето кои пристигнуваат од земји кои се уште се подложени на внатрешна или надворешна контрола на границите, како што се Шведска, Германија и Русија, се обврзани да се изолираат, соопшти владата.
ДПА додава дека финската Влада, генерално, советува да не се преземаат несуштински патувања во странство.
Охисало уште кажа дека одлуките утре треба да се одобрат од владиниот кабинет, а ситуацијата ќе се разгледува во текот на следните две недели.