Тренерот на англискиот премиерлигаш Арсенал, Микел Артета е на мислење дека недостатокот на приврзаници на трибините би можел да им помогне на неговите фудбалери при продолжението на сезоната во Англија следната недела.
„Топџиите” ја продолжуваат својата кампања на гостински кај шампионот Манчестер Сити, по што ќе играат три последователни натпревари на гости – против Брајтон и Саутемптон за првенството, како и против Шефилд Јунајтед за ФА Купот.
– Се надевам дека ова ќе биде предност за нас. Очекувам дека ќе ни помогне дека нашите ривали нема да можат да се потпираат на своите навивачи. Фудбалот е енергија и страст, а кога ќе ги снема нив, ситуацијата е избалансирана. Но, знам дека ќе имаме многу тешки натпревари и знам што може да се случи со нас ако ги потцениме нашите ривали, рече Артета.
Арсенал има само две гостински победи во текот на целата сезона, но Артета има за цел трета против Манчестер Сити следната среда.
– Одигравме неколку пријателски натпревари, но тие го немаат ритамот во Премиер лигата. Мислам дека ќе биде многу тешко да се задржи на исто ниво на секои 90 минути, особено во првите неколку натпревари. Пред да се запре шампионатот бевме во прилично добра серија, и ние сакаме да бидеме уште подобри, додаде шпанскиот стратег.
И покрај серијата од три последователни успеси, Арсенал сепак го зазема незавидното 9-то место во пласманот во Премиер лигата.