Василевска: СДСМ со половина милион за НВО вршат поткуп на медиуми, граѓани и фирми

СДСМ врши поткуп на медиуми, граѓани и фирми со државни пари преку таканаречените невладините организации. Половина милион евра се трошат за поткуп на медиуми, граѓани и фирми во услови кога илјадници остануваат без работа, изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа рече СДСМ со денови молчи и не дава одговори: Дали во буџетот на Република Македонија има „вишок“ од половина милион евра, па тие наместо за помош на граѓаните и компаниите, се користат за поткуп на одредена група на невладините на Заев? Доколку Социјалдемократскиот сојуз навистина се грижи за благосостојбата на ранливите категории на граѓани, и за работата на невладините организации, прашуваме тогаш зошто овие средства кога се одложија изборите за 12-ти април беа скратени, а сега во предизборието истите ќе се доделуваат во скратени рокови и скратени процедури? И ако навистина целта е квалитетни и реални проекти за справување со пандемијата дали е демократски, транспарентно и отчетно, да објавите оглас за финансирање на невладини организации, а рокот за поднесување на соодветната документација да е неполни 6 дена?

,,Молчењето на СДСМ само ја потврдува нашата теза дека целата оваа операција не претставува ништо друго, освен обичен обид за предизборен поткуп. Воедно, не зачудува и молкот од страна на Државната комисија за спречување на корупција, чија што основна функција е препознавање на обиди за корупција од страна на политичари или државни институции. Ја потсетуваме истата дека Република Македонија се наоѓа во предизборен период и јавно ги повикуваме да отворат соодветни постапки, при секој еклатантен обид за поткупување на гласачи, како што е впрочем и овој“, изјави Василевска.

Таа истакна дека невладиниот сектор, како што вели, треба и мора секогаш да ја зачува својата неутралност и да биде силен критичар на коруптивните појави во општеството и коректор на власта. Во таа насока, ВМРО-ДПМНЕ ги повикува невладините организации да го покажат својот интегритет и авторитет и јавно да се спротивстават на, како што вели, ваквите еклатантни обиди за злоупотреба, односно предизборен поткуп.

Треба да знаете
Последни објави