Портпаролот на Движењето самоопределување (ВВ) Арлинд Манџука информира дека во партиското седиште стасала покана од косовскиот премиер Авдулах Хоти за лидерот на ВВ Албин Курти да учествува на таканаречниот лидерски форум за дијалогот со Србија, но Курти нема да одговори на неа, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објави Манџука преку својата страница на Фејсбук, поканата од Хоти е одбиена, затоа што ВВ ја смета актуелната влада за нелегитимна, поради нејзината „зависност” од најголемата партија на косовските Срби, Српската листа и претседателот на државата Хашим Тачи.
– Пред два дена примивме писмо со кое се кани претседателот на ВВ Албин Курти да дискутира со актуелната влада за идниот дијалог со Србија. Една влада која е зависна и овозможена од гласовите на Српска листа и која е формирана од Тачи и за него и една влада која му го укина на Косово реципроцитетот со Србија, нема ниту кредибилитет ниту легитимитет. Затоа ние не одговоривме на таа покана, бидејќи не сакаме да бидеме дел од тие средби, напиша Манџука.
Хоти при вчерашната посета на Академијата на науките и уметностите на Косово најави дека ќе основа форум со лидерите на сите политички партии, а во рамките на премиерската канцеларија ќе се формира сеопфатен Експертски совет за дијалогот Приштина – Белград.
– Ќе побарам од Собранието да основа парламентарна комисија за дијалогот која ќе ја води опозицијата. Сé ќе биде транспарентно и нема да има разговори зад затворени врати, изјави премиерот.
Во претходната влада, предводена од лидерот на ВВ, Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) беше прв вицепремиер, но беше разрешен неполн час откако, на 25 март, Собранието на Косово, на барање на ЛДК, му изгласа недоверба на кабинетот на Курти.
На 3 јуни, со минимално мнозинство гласови од пратениците во републичкото Собрание, беше изгласана новата влада, предводена од Хоти.