Независниот академски синдикат бара од инспекторатот да постапи по претставките за изборите на УКИМ

Независниот академски синдикат (НАкС) бара од Државниот просветен инспекторат да постапува по поднесените претставки за прекршувањето на ЗВО и Статутот на УКИМ од страна на ректорот, Никола Јанкуловски.

Од синдикатот на 1 јуни испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) со барање да ја испита законитоста на постапката за распишување на изборите за членови на Сенатот на УКИМ од страна на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Никола Јанкуловски. Во претставката од страна на синдикатот е посочено дека ректорот го прекршил Статутот на УКИМ, со тоа што не ги распишал изборите за Сенат најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на постојниот
состав.

„НАкС заедно со тројца проректори на УКИМ уште во март оваа година реагираше во врска со распишувањето изборите за ректор во услови на вонредна состојба. Притоа укажувавме на непостоење можност за рамноправно претставување на кандидатите. Исто така укажуваме на неможност да се обезбеди безбедно гласање на наставниот кадар кој е со здравствени проблеми и кој спаѓа во ризичните старосни и здравствени категории, а кои се инаку со закон ослободени од физичко присуство на работното место. Понатаму, потсетуваме дека уште посериозно беше прекршувањето на Законот за високото образование од страна на ректорот Јанкуловски, кој ја узурприраше функцијата претседател на Сенатот, која според новиот Закон треба да биде извршувана од лице избрано од редот на сенаторите“, велат од Синдикатот.

Земајќи ги предвид нивните наводи, Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе претставка до ДПИ за вршење вонреден инспекциски надзор околу распишувањето на изборите за ректор на УКИМ. Државниот просветен инспекторат до денес нема донесено никакво решение или одлука во врска со поднесените претставки.

Од Синдикатот велат дека имаат разбирање за организациските потешкотии предизвикани од појавата на заразени службеници со коронавирусот, но сметаат дека нивното боледување не би требало да претставува пречка во извршување на надлежностите на ДПИ, со оглед на тоа што институцијата може да ги ангажира
инспекторите кои работат и живеат надвор од Скопје, како и оние за кои не е издадено решение за самоизолација.

„Имајќи ја предвид штетата која може да настане од спроведување на постапките кои ректорот ги иницираше, а кои се косат со Статутот на УКИМ и Законот за високото образование, бараме од ДПИ да изнајде внатрешни сили и да го заврши вонредниот инспекциски надзор и да донесе соодветни одлуки пред завршување на постапките“, велат од Синдикатот.

Треба да знаете
Последни објави